

- 104
- Episodes
- 1
- Ratings
- 2021
- First episode
About goce.mk
Подкаст на goce.mk
- Publisher
- Goce.mk
- Category
- news
- Language
- mk
- Explicit
- No
- First episode
- 7 Feb 2021
- Latest episode
- 27 Apr 2026
Latest episodes
104 episodes in the feed.

27 Apr 2026
Мојот Став: Образование без редослед
Јас сум Даница, а ова е мојот став: Понекогаш навистина доаѓа момент кога човек се прашува дали живееме во некаква симулација, или едноставно сме земја што упорно се убедува дека е „на чекор до Европа“, додека реалноста ни се распаѓа во мали, секојдневни апсурди што веќе никого не изненадуваат. Изминатава недела дознавме дека во Македонија можеш да се запишеш на магистерски или докторски студии и без да ги исполнуваш сите услови. Самата информација звучи како нешто што би требало да биде невозможно во систем кој функционира барем на основно ниво, но кај нас, очигледно, е сосема возможно. Во секој нормален редослед, постојат чекори што не можеш да ги прескокнеш. На пример, не можеш да бидеш возрасен ако претходно не си бил дете, освен ако, се разбира, некој не одлучи дека редоследот е само препорака. И токму тоа се случува кај нас. Додека некој се обидува да игра според правила што мисли дека важат, друг веќе платил за да ги заобиколи. Некој запишал студии, слушал предавања, полагал испити со уверување дека оди напред, за подоцна да дознае дека целиот тој напредок бил илузија, и тоа не поради негова грешка, туку затоа што некој друг одлучил да не си ја работи работата. Факултетот реагираше и ги поништи запишувањата, што формално, тоа изгледа како решение, но суштински, тоа е само потврда дека системот функционира наопаку: прво се прави грешката, па потоа се проверува дали воопшто требало да се направи. Мислам дека ние сме доказ дека правилата се тука за да не се почитуваат. И тука приказната престанува да биде за неколку студенти. Станува приказна за систем што дозволува вакви ситуации да се третираат како административен пропуст, а не како нешто што директно уништува нечии години, труд и пари. Она што, сепак, најмногу загрижува не е самата ситуација, туку отсуството на вистинска реакција на неа, бидејќи наместо изненадување или сериозна јавна дебата, добиваме само кратко негодување што брзо се губи, како ова да е нешто што веќе сме го прифатиле како дел од правилата на игра. Проблемот не е само во тоа што се случило, туку во тоа што ваквите ситуации поминуваат без вистинска последица за оние што ги дозволиле, додека товарот целосно паѓа врз оние што верувале дека правилата имаат некакво значење. Оттука, прашањето повеќе не е како дошло до ова, туку зошто воопшто продолжуваме да се однесуваме како да постои систем што нè штити од вакви апсурди, кога искуството постојано ни го покажува спротивното. Ако образованието треба да биде темел, тогаш барем би требало да постои сигурност дека тој темел е проверен пред некој да почне да гради врз него, а не да се утврдува неговата стабилност дури откако конструкцијата веќе почнала да се распаѓа.

11 Apr 2026
Мојот Став: Тешкотијата да се искаже сопствен став
Јас сум Даница, а ова е мојот став: Замислете ученик кој по години учење знае да одговори на прашање, но се двоуми кога треба да каже што мисли за нешто, навикнат да го бара точниот одговор и таму каде што се очекува став. Ова за жал, не е само личен впечаток, туку појава потврдена и со истражување на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, според кое најголем проблем за учениците е токму тешкотијата да изразат личен став. Овој резултат, колку и да изгледа загрижувачки, тешко може да се смета за изненадување, бидејќи претставува логична последица на начинот на кој се организира наставниот процес, во кој ученикот уште од најрана возраст постепено учи дека најсигурниот пат до добра оценка не е да размислува, туку да препознае што се очекува да каже, при што оваа стратегија со текот на времето се претвора во навика што го обликува неговиот однос кон знаењето. Во таква поставеност, вредноста на знаењето се сведува на точноста на одговорот, односно на способноста да се репродуцира веќе утврденото, додека просторот за сопствено толкување формално постои, но суштински останува ограничен и недоволно развиен за да прерасне во вистинска вештина. Ова станува особено видливо во секојдневната училишна пракса, каде што, на пример, на час по литература, наместо да се поттикне ученикот да ја аргументира сопствената интерпретација на текстот, тој брзо учи дека е поважно да ја препознае онаа која се смета за точна, со што постепено се гради образец на размислување во кој сигурноста се поврзува со усогласеноста, а отстапувањето со ризик. Оттука, кога подоцна ќе се побара од ученикот да изнесе личен став, задачата веќе не делува како природен продолжеток на учењето, туку како нешто несигурно, бидејќи мислењето, особено кога се разликува од очекуваното, се доживува како потенцијално погрешно, па изборот да се остане во рамките на веќе понудените одговори станува форма на адаптација, а не показател на неспособност. Иако во вакви ситуации често се посочуваат надворешни фактори како технологијата или социјалните мрежи, ваквите објаснувања остануваат недоволни доколку не се земе предвид дека навиката да се бара точен одговор наместо да се изгради сопствен став се формира токму во образовниот процес, каде што усогласеноста со очекуваното се наградува повеќе отколку обидот за оригинално размислување. Оттука, наместо да се бара одговор кај учениците, поверојатно е дека проблемот треба да се бара во условите во кои тие учат да размислуваат, односно во средина во која отстапувањето од зададениот одговор ретко се толерира, а уште поретко се вреднува, поради што личниот став постепено се повлекува и станува несигурен. Во таков контекст, повикувањето на критичкото размислување како клучна цел на образованието звучи повеќе декларативно отколку реално, бидејќи тоа не произлегува од повторување на точни одговори, туку од простор во кој прашањето, сомнежот и интерпретацијата се прифатени како дел од процесот на учење, што значи дека, кога таков простор изостанува, резултатите од ваквите истражувања не се изненадување, туку очекуван исход од систем кој ги насочува учениците кон тоа да го препознаат она што веќе е кажано, наместо да формулираат нешто свое.

31 Mar 2026
Мојот Став: "Феноменот" на крадење во Македонија
Јас сум Даница, а ова е мојот став: Крадење во Македонија не е нешто ново, ама сепак е феномен. Од толку академски граѓани, доктори на науки, магистри, среќни бракови, воспитани деца, чудно е како сме дошле до состојба да си дозволиме да се краде од роденденска забава на мајмунче од зоолошка. Можеби обичниот народ си добил инспирација од митото и корупцијата кои се спроведуваат над жителите на Македонија, и притоа се третирани како мајмуни, па токму затоа, некои поединци решиле да почнат да крадат од вистински мајмуни. И баш кога ќе помислиме дека сме го допреле дното, некој ќе земе лопата, за секој случај, да провери дали има уште подолу и ќе сфатиме дека кај нас дното не е фиксна категорија, туку подвижна. Секогаш има уште еден кат подолу. Не е проблемот што некој украл. Тоа веќе не е ни вест. Вест би било некој да врати нешто. Да најде паричник и да го врати без да се слика за на Фејсбук, е тоа веќе би бил наслов. Ама ние сме си практични луѓе. Ако може да се земе, ќе се земе. Ако не може, ќе се најде начин да може. И таман тука некаде, помеѓу „снаоѓање“ и „крадење“, сме ја изгубиле линијата. Или ја избришавме намерно, за да не нѐ боли кога ќе ја преминеме. Сите знаеме некој што „малку“ краде. И сите знаеме некој што „многу“ краде. Разликата е само во тоа што за едните велиме „снаодлив е“, а за другите „лопов е“. Ама суштината е иста, само скалата е различна. И најјако од сè е што пак ќе седнеме на кафе и ќе се жалиме како ништо не чини. Ќе ги пцуеме тие „горе“, како да не сме дел од истата приказна. Како да не почнува сè од истото место, од она малото „ајде бе, нема врска“. На крај, мајмунот од зоолошка испаѓа најчесниот лик во приказнава. Барем тој не се преправа дека е нешто што не е. Не носи титули, не пишува статуси за морал и вредности, не се фали со дипломи додека со другата рака си полни џеб, а сепак остана без подароци. А ние? Ние сме народ што се гордее со чесност ама во теорија. Во пракса, чесноста ни е како стар мебел: сите велат дека ја сакаат, ама ретко кој ја чува дома. Можеби затоа и не е чудно што крадењето станало феномен. Не затоа што е ретко, туку затоа што станало нормално. А кога ненормалното ќе стане нормално, тогаш веќе не зборуваме за феномен, туку за навика. И таман кога ќе се навикнеме на тоа, ќе сфатиме дека најголемата кражба не е ни паричникот, ни телефонот, ни бананите од мајмунот. Најголемата кражба е што полека ни се украде чувството за срам.
Reach and audience
Public platform figures. Ratings count people who left a rating, not total listeners.
- Apple Podcasts (US)
- 5.0 / 5
- 1 ratings
Contact goce.mk
- Guest appearances
- Books guests
Based on episode analysis; this does not confirm that the show is currently accepting guests.
Host of goce.mk?
Claim your podcast to manage its listing and keep your show details accurate.
Pod Engine is an independent podcast discovery and analytics service and is not affiliated with or endorsed by this podcast. Artwork and show content belong to their owners. Full legal notice.
Explore this show
Podcast research with Pod Engine